Левица бара да се укине Регулаторна комисија за енергетика
Да се укине Регулаторната комисија за енергетика и нејзините ингеренции да ги преземе Министерството за енергетика. Ваков закон ќе поднесе Левица, соопшти денеска пратеникот на оваа партија Амар Мециновиќ.
Од Левица велат дека сегашниот модел во енергетиката ги оптоварува граѓаните, бидејќи струјата поскапува, а сметките тешко се подмируваат, додека приватните компании како ЕВН остваруваат високи добивки. Според нив, одлуките на Регулаторната комисија се носат под политичко влијание, без јасна одговорност, а како пример ја посочуваат и мрежарината од 200 денари што ја плаќа секое домаќинство.
Од Регулаторната комисија за енергетика не сакаат да ги коментираат прес-конференциите на политичките партии. Оттаму велат дека остануваат посветени во реализација на надлежностите, утврдени со Законите за енергетика, за утврдување на цени на водните услуги и за управување со отпадот.
„Регулаторната комисија за енергетика одлуките ги носи согласно надлежните закони, прописи и методологии, во кои се вклучени најдобрите меѓународни искуства и практики – директиви од Европската Унија и Енергетската заедница, при што во сите процеси се применуваат начелата на објективност, транспарентност и недискриминација. Регулаторната комисија за енергетика во изминатиот период од страна на Енергетската заедница пет пати последователно беше оценета како најдобар регулатор од земјите членки на Енергетската заедница.“
И Министерството за енергетика не сака да навлегува во коментирање предлози на политички партии. Оттаму велат дека тие ќе ги почитуваат сите одлуки и закони кои што законодавецот ќе ги донесе. Од 1 јануари струјата поскапе за околу 3 проценти, најмногу поради новата, повисока цена што В
ладата, преку ЕСМ, ја понуди на универзалниот снабдувач ЕВН. Според новиот Закон за енергетика, цената ја пресметува ЕВН, а ја одобрува Регулаторната комисија, додека премиерот Мицкоски посочи дека одлуката е на Регулаторот. Според Левица, ваквите изјави покажуваат избегнување на политичка одговорност, иако државата и понатаму има влијание врз цената на струјата.

