Лесново нема да стане геопарк
Foto

Лесново нема да стане геопарк

Лесново нема да стане првиот геопарк во државата. Општините Кратово и Пробиштип се предомислија поширокиот регион од Лесново се до Камените кукли во Куклица да биде под заштита на УНЕСКО.

Градоначалникот на Пробиштип вели дека сакаат да бидат сигурни дали заштитениот статус нема да влијае на идни геолошки истражувања на постојните рудници во двете општини, што сега се столб на егзистенцијата за граѓаните. 

Проектот почна да се реализира преку  „Програмата за зачувување на природата во Република Македонија“ во соработка со Центарот за развој на  ИПР,  пари во висина од 200.000 швајцарски франци за подготовка на апликацијата  беа обезбедени од Швајцарската агенција за развој, а досега беа реализирани и повеќе активности. 

„Проектот за прогласување на Геопарк Лесново не е во мирување бидејќи двете општини и Пробиштип и Кратово официјално се откажаа од идејата. Донаторот веќе размислува предвидените средства да се пренасочат кон друг проект“, велат од Центарот за развој на ИПР.

Општините Кратово и Пробиштип се откажуваат две години по стартот на постапката за подготвување на апликацијата. Во јануари годинава дури се потпиша и договор со штипскиот универзитет за истражување и подготовка на досието за номинација на Лесново за геопарк.

Претходно позитивна оценка за Лесново и неговиот уникатен вулкански терен  дадоа експерти од други геопаркови во регионот  од кои некои се членови и на комисиите на УНЕСКО. Ова е разочарување и за оние  кои егзистираат од туризам, а кои во геопаркот гледаа шанса за развој и нови вработувања.

0 Коментари

Остави коментари