Лекување со силни антибиотици - што се предвидува со протоколите?
За речиси 40% e зголемена продажбата на Сумамед од 1ви март до 1ви октомври годинава во споредба со истиот период лани. Ова го покажуваат податоците на Фондот за здравство. Во споредба со лани кога биле издадени 74 000 рецепти, годинава таа бројка изнесува 118.000.
Во однос на Панцефот пак продадени се 60.000 пакетчиња, додека лани биле 65.000. Од фондот сепак потенцираат дека оваа статистика не опфаќа и анализа дали сите купени антибиотици се потрешени за пациенти со КОВИД 19.
Според сведоштва на дел од лекарите овие два антибиотици кои се вбројуваат во групата на најсилни, се земале дури и превентивно и во големи дози. Ова според микробиологот Пановски е недозволиво и може да е и една од причините за високата смртност од КОВИД во земјава.
„Не може во привот ден од позитивен тест или со првите симптоми веднаш да се почнува со антибиотик. Тоа е еден проблем, потоа слушам дека примаат и оние што немаат симптоми дури земаат и тие што се здрави превентивно. Тоа е лудост. Втора работа се препишуваат во двојни дози, непознати во светот, се даваат шест таблети а треба три. Веднаш се прави штета. Не треба на првивот ден, треба да се следи пациентот, знам дека е тешко да се следи но по протокол за вирусна инфекција не се дава антибиотик а ова е вирусна инфекција.“ - изјави – Проф. Д-р Никола Пановски - микробиолог.
Дали смее антибиотик да се дава на пациент со КОВИД без да биде прегледан или без да се направат претходни испитувања, дали Министерството има дадено протоколи за лекување и дали се контролира препишувањето на антибиотици - ТВ 24 испрати прашања до Министерството за здравство од каде ни одговорија дека и матичните лекари како и ковид одделенијата имаат точно утврдени протоколи и насоки за лекување, направени од експерти во областа.
„Матичните лекари уште на почетокот на пандемијата имаат „патека“ по која треба да постапуваат доколку на пациент му се влоши состојбата или има потреба од хоспитализација. Во ковид одделенијата постојат протоколи за лекување на хоспитализирани пациенти, пациенти со тешка клиничка слика и овде станува збор за стручни насоки, направени од експерти во областа, каква терапија и во која форма треба да му се даде на пациентот кој е на болничко лекување.“ - велат од Министерство за здравство.
За д-р Пановски загрижувачки се податоците дека на пациенти им биле пропишувани и по десетина лекови меѓу кои антибиотици, кортикостероиди и суплементи. Пановски кој што е експерт на ова поле предупредува дека ваквата употреба на антиобиотици е опасна и носи одредени ризици.
Зголемената употреба на антибиотици во борбата против пандемијата на КОВИД 19 ќе ја засили отпорноста на бактериите и во крајна линија ќе доведе до повеќе смртни случаи за време на кризата и по неа - ова предупредување дојде и од Светската здравствена организација уште во јуни.
СЗО со години наназад предупредува дека отпорноста кон антибиотици, поради која обични болести можат да станат смртоносни, достигнува опасно ниво во светот, а особено во одредени земји.