Лекарскиот колегиум во „Козле“ побара разрешување на директорката Симоновска

Преку протестно писмо од лекари на клиниката Козле повторно се бара разрешување на директорката Каролина Симоновска. Во писмото се тврди дека директорката неправедно ја избркала од работа докторката Веселинка Јосифовска Митровска. 

„Последниот скандал што ја потресе клиниката, лекарите како и нашите пациенти е дека д-р.Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти. Присуството на колешката само ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите кои се нејзин домен на работа.“ - писмо од леркари од УК за респираторни заболувања кај деца КОЗЛЕ.

Во писмото лекарите даваат поддршка за д-р Митровска и бараат од надлежните итно разрешување на директорката Симоновска, за што тврдат дека веќе биле депонирани и 30 потписи на лекари.

За случајот е веќе информиран и министерот за здравство Таравари. Разрешување на состојбата од него побара и сопругот на докторката која доби отказ. Менаџментот пак обвини за оркестриран политички напад.

„Јавноста треба да знае дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице, мора да се санкционира како не би настанале полоши последици за кои потоа доцна би било, каква било реакција. Дрското однесување и попречување на работата е недозволено и мора да биде санкционирано без оглед за кого се работи.“ - УК за респираторни заболувања кај деца „КОЗЛЕ“.

За случајот реагираше и опозициската СДСМ. 

- Посветена, искусна лекарка, која што загрижена за здравје на дете присуствувала при успешна лекарска интервенција Симоновска ја брка. Ова е мобинг од невидени размери и класична неправда озоможена од ДПМНЕ. - СДСМ.

Ова не е прв пат вработени од оваа клиника јавно да се жалат од директорувањето на Симоновска, а таа да обвинува за политчки мотивирани причини.