ЛЕКАРИТЕ И ПАЦИЕНТИТЕ НА ИСТА МАСА - КАКО ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ДОВЕРБАТА
Недовербата во системот и револтот од неквалитетни здравствени услуги направи непријатели меѓу докторите и пациентите. Насилството е хроничен проблем и мора системски да се реши,повторно aлармира стручната фела. Денеска седнаа на заедничка маса - лекарските комори и здруженијата на пациенти да најдат начин како да се врати довербата во „белите мантили".
- „Видовме доста неубави работи, видовме пукање, тепање, претепување. Јас не би сакала како доктор мене од мојот пациент да ме чува полицаец. Нешто тука не е добро. Јас би сакала пациентот да има доверба во мене и јас да сум слободна да седам со мојот пациент без да се плашам"- вели Калина Гривчева Старделова , претседателка на Лекарската комора.
Недостапност до здравствени услуги, чекање во преполни ходници и недостаток на лекови, се најчестите поплаки од граѓаните кои стасале до здруженијата на пациенти. Недовербата во институциите дополнително ги одвраќа граѓаните да го пријават своето незадоволство на соодветно место, па работата ја преземаат во свои раце, a тоа води кон насилство.
- „Може да замислите ако имате едно болно дете и го шетате по клиники долго време и се уште не знаете што му е или знаете дека има некоја терапија, а не може да ја добие, тогаш не знаете каде да го изразите своето нeзадоволство.“ -изјави претседателката на Здружението „Живот со предизвици“, Весна Алексовска.
Пациентот не е бројка, порачаа лекарите посочувајќи ги системските пропусти во начинот на лекување на граѓаните. Дополнително велат, проблем е и пренатрупаноста на скопските клиники, каде доаѓаат пациенти од целата држава, но и одливот на лекари од државниот сектор.
- „Ние не можеме да ја бараме причината зошто се тие насилни во моментот кога настанува насилството. Ние знаеме, пребукиране сме со работа имаме огромен број на пациенти, цела Македонија е слеана во овие центри, не може сега секој здравствен работник да шета со обезбедување до него"-потенцира Виолета Котевска, претседателка на Комора на здравствени работници со стручно образование.
Статистиките на Лекарската комора нотираат 15 напади на лекари од почетокот на годинава, иако велат бројките се поголеми зашто кај нив не се пријавени сите. Најавата за приватно обезбедување во болниците не веруваат дека ќе го искорени проблемот, па затоа бараат и законски измени за државата да им обезбеди силна правна заштита.

