Легалниот бизнис со марихуана лесна мета на криминалните групи
Над еден тон кои беа украдени од „Херб Индустри“ веќе завршиле на црниот пазар во Косово. Оваа информација не ја соопшти ниту МВР ниту обвинителството кои ја водат истрагата, туку премиерот Зоран Заев. Од плантажите во Јосифово, марихуаната од два тона била спакувана за преработка, пред да биде украдена, три дена по грабежот само 230 килограми беа најдени во Мојанци, кај Арачиново.
- Еден дел од тоа што беше украдено во гевгелиско-валандовскиот регион веќе е откриен во областа на Арачиново, еден дел е во Косово. Се работи со службите за да се стигне до крај и да се иведат одговорните пред лицето на правдата. - изјави Заев.
Ова е најголемиот плен, но не и единствен во последниот месец. Од складиштата каде што се произведува канабис од кој на крај треба да се добие масло за медицинска употреба викендов исчезна уште една пратка. Била ограбена фирмата „5 летерс“ регистрирана во Ресен, а дрогата од 60 килограми е пронајдена во викендица во крушевско село Врбоец. Тројца се уапсени, еден македонец, државјанин од Албанија и еден од Косово. Првоосомничениот е близок роднина на вториот човек во МВР, Назим Буши. Тој негира вмешаност.
- Одговорноста е индивидуална и секој од нас мора да одговара. Не можам да бидам одговорен за никој друг, она за што сме обврзани се нашите деца. - изјави Буши.
Не е потврдено дали првоосомничениот бил вработен во ограбената фирма „5 летерс“ За овој случај коалицијата Алијанса-Алтернатива бараат оставка од заменик министерот во МВР, Буши.
- Овој случај не носи до мислењето дека во ови случаи со трговија на наркотици се вклучени експоненти од власта. Сметаме дека Назим Буши како заменик министер во МВР може да влијае врз истрагата, затоа бараме оставка. - велат од Алијанса - Алтернатива.
Фирмите кои произведуваат марихуана легално, се почесто ќе бидат мета на криминалните структури, доколку проблемот не се реши системски, предупредува професорот по безбедност Марјан Николовски.
- Ако не може државата и системот да ги реши, тогаш може организираниот криминакл, бидејќи најголем процент на доход е криминалот со дрога. Имаме вложувања, финансии, но нема извоз, пласман. Тука мора државата да интеренира. - вели Николоски.
Извоз може да се очекува од следната година најавува премиерот Заев, а со тоа државата ќе стигне до приходи од 250 милиони евра. Се подготвува терен и за декриминализација на марихуаната. Ќе се менува кривичниот закон да не се оди во затвор за помали количини за лична употреба. Во бизнисот со легалното производство на марихуана се влезени и роднини на претседателот на Владата, Зоран Заев.