Лазаревска за ТВ 24: КЗ е усогласување со европски директиви, проблемот со корупцијата се решава со проширена конфискација

Кога ќе дојде во собраниска процедура Законот за амнестија, ќе го разгледаме текстот и онаму каде што сметаме дека треба да се интервенира ќе интервенираме. Сега не можам повеќе од ова да зборувам затѕоа што не сум го видела текстот, но од она што ми е познато тоа ќе биде амнестија за полесни кривични дела, вели пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска во емисијата 24 анализа на ТВ 24.

- Сите извештаи велат дека во нашите затвори има пренатрупаност. И тоа треба да се реши. Досега во независна Македонија имало седум амнестии, вели Лазаровска и додава дека ќе гласа доколку во законот станува збор за лесни кривични дела, а доколку не е така ќе поднесеме амандмани. 

Лазаревска појаснува дека измените на Кривичниот законик биле направени заради усогласување на нашето законодавство со директивите на ЕУ, па така се воведува проширена конфискација.

- Не е точно дека сме ги амнестирале криминалците со бели крагни, вели Лазаревска и додава дека членот 353 секој си го толкува како што сака без да се докаже нечија вина за конкретно дело.

Лазаревска вели дека функционери може да се гонат според многу други членови од Кривичниот законик, па не е потребно да постои членот 353.

- Опозицијата беше во Собрание и не поднесоа ниеден амандман, вели Лазаревска, на што Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ реплицира дека станува збор за кус рок и дека опозицијата воопшто не била информирана дека таа точка ќе биде прва на дневен ред.

Лазаревска образложува дека криминалците во бели крагни најмногу ги боли кога ќе им се одземе украденото.