Лајен најави конференција на ЕУ за враќање на украинските деца од Русија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен синоќа најави дека Европска Унија ќе организира конференција за обезбедување на враќање на украинските деца, кои беа однесени во Русија за време на војната.

– Тоа што се случува таму е страшен потсетник на најмрачните времиња во нашата историја, да се депортираат деца. Ова е воено злосторство, изјави Лајен на крајот од првиот ден од дводневниот Самит на ЕУ во Брисел.

Таа додаде дека во партнерство со Киев, заедно со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, повела иницијатива за репатријација на децата „киднапирани од Русија“.

– За таа цел ќе организираме конференција. Сакаме да извршиме меѓународен притисок да ги преземеме сите можни мерки за да ги пронајдеме тие деца, посочи Лајен.

 
Таа додаде дека целта на ЕУ е да им помогне на телата на ОН и на релевантните меѓународни организации да добијат подобри и поцелосни информации за децата кои биле депортирани во Русија, што вклучува и деца кои подоцна биле посвоени или префрлени во руски згрижувачки семејства.

Минатата недела Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства поради надзор над депортацијата на украинските деца.

МКС, исто така, издаде налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, комесар за правата на децата во Канцеларијата на претседателот на Русија, поради слични обвиненија.