Лајчак, Ескобар и Ховениер во северна Митровица

Ескобар и Лајчак се во мисија да спречат ескалација на ситуацијата на први септември за кога Владата на Косово го одложи спроведувањето на своите одлуки за пререгистрација на возила со таблички RKS и издавање документи за влез/излез на српските граѓани, откако локалните Срби на север се побунија и поставија блокади на патиштата.

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, по средбата со српските претставници во северниот дел на Косовска Митровица изјави дека тој и американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар разговарале за сите важни теми и дека средбите биле мошне важни. Добри опции се оние кои го чуваат мирот и нормалната атмосфера на теренот, рече Лајчак.

„Важно е да се сретнеме со претставниците на Србите на Косово и Метохија, да слушнат од нас која е целта на нашата мисија и од прва рака да слушнеме каква е атмосферата, какви се очекувањата. Каква одлука и да се донесе, таму живеат Србите. Секоја лоша одлука им го влошува животот, добрата одлука го подобрува.“ - изјави Мирослав Лајчак специјален пратеник на ЕУ.

Прашан дали е вистина дека побарале од Приштина да го одложи спроведувањето на одлуката за таблиците на возилата и документите за три месеци, Лајчак рече дека има многу шпекулации и не сака да навлегува во тоа. За најавата на косовскиот премиер Албин Курти дека спроведувањето на реципрочните мерки ќе почне од 1 септември, тој рече дека не сака да коментира поединечни изјави. Ескобар, пак, изрази надеж дека по средбите што ќе ги има во Белград, ќе може да соопшти повеќе детали.

„Сакам само да кажам дека ја разгледавме загриженоста на српските претставници. Нашата мисија продолжува во Белград.“ - изјави Габриел Ескобар американски претставник за Западен Балкан.