„Ла верита“ со нови обвинувања за Заев и за Русковска, тие со демант
Италијанскиот весник Ла верита, кој ги пушти снимките за „Рекет“ сега објавува дека премиерот Зоран Заев преку телефонски повик до Вилма Русковска „замешал прсти“ во истрагата. Се тврди дека Заев барал од обвинителката Русковска да одмрзне над 700.000 евра, пари кои бизнисменот Силјан Мицевски ги уплатил на сметка на пензионерката Лидија Тодоровска за изградба на домови за стари лица.
„Според нашите информации, а и од сведочењето на обвинителот Наум Пановски пред републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, следниот ден Заев лично ја побарал Русковска наредувајќи ѝ да ги одблокира парите. „Русковска, не случајно фаворитка на Заев за замена на Катица Јанева, специјалната обвинителка која во моментов е во затвор поради нашите откритија, му наредила на обвинителот задолжен за случајот, да ги следи директивите дадени од Заев. Потоа, ниту една дополнителна истражна активност не била сметана за потребна и парите, 750.000 евра, биле префрлени на сметката на примателот во следните 48 часа“ - пишува „Ла Верита“
По ова експресно стигна и демантот од јавното Обвинителство. Добиле информација за сомнителна трансакција од финансиско разузнавање, побарале замрзнување на средствата, но не е точно дека по 48 часа биле префрлени парите и тоа по наредба од Русковска, велат од Обвинителството.
„По добиените известувања од УФР дека нема основи за сомневање за извршената трансакција, на 12,04,2018 година средствата беа одмрзнати и според наши сознанија подигнати наредниот ден. 14,11,2018. Советот на јавни обвинители на 14,11,2018 година , или седум месеци по подигнувањето на средствата ја избра Вилма Русковска за јавен обвинител на ОЈО ГОК. Со објавување на вакви текстови и тоа во странски медиуми се повредува презумпцијата на невиност, се загрозуваат животи на инволвираните лица и се отежнува текот на постапките“ - велат од ЈОРМ.
Според „Ла верита“ назначениот обвинител Наум Пановски наводно го известил Јовески за незаконското постапување, но од Обвинителството тврдат дека секој обвинител одговара пред неговиот шеф и го информира за тековни постапки, а текстот на италијанскиот портал не ја отсликува вистината.
Овој портал и стана познат на македонската јавност од пред три месеци, откако ги објави снимките со броењето на милион евра во домот на Орце Камчев, но и инволвираноста на Катица Јанева која во различни прилики на Камчев му кажува да не се секира, се ќе биде ок, и дека обвинителката Лиле Стефанова е под нејзина контрола.