КЗК утврди картелско здружување меѓу 10 осигурителни компании кои подигнале цени на полисите за автомобилска одговорност

10 осигурителни компании се здружиле и картелски дејствувале на пазарот – се договарале за полиси за автомобилска одговорност а сето тоа го детектирала Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари. 

„Во постапката беше утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024  07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток.“- велат од КЗК. 

Картелното здружување, како што велат од Комисијата, се однесува на осигурувањето од автомобилска одговорност, што секој сопственик на возило задолжително мора да го плати при регистрацијата на возилото. 

„Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането.“ соопштуваат од КЗК.

Согласно Законот за заштита на конкуренцијата  забранети се сите договори склучени меѓу претпријатија, одлуките на здруженијата на претпријатија и усогласеното однесување чија цел или последица е нарушување на конкуренцијата.