Кузмановска во СТУДИО 10: Поентата на Engage е да се мотивираат младите да направат промени

В сабота ќе се одржи 11-то издание на Конференцијата за социјален активизам „Engage“. Тоа е простор на кој домашни и странски активисти ги изложуваат пред младите со цел да ги инспирираат, а исто така е можност за здружување на активистите.

- Оваа година решивме да ја прошириме конференцијата со работилници и со музичка програма. На настанот можат да дојдат сите млади во духот. Ќе имаме седум говорници од кои еден од Нигерија и двајца од регионот. Ќе имаме работлници за изработка на стикери, накит и исцртување на облека. Во музичкиот дел ќе имаме четири диџеи, информира Ивона Кузмановска, програмска координаторка во МОФ, во СТУДИО 10 на ТВ24.

Поентата на Engage е да се мотивираат младите да направат промени, додава таа. Во МОФ на социјалниот активизам се гледа како заедничка активност за постигнување промени.

- За младите често слушаме дека се апатични и не сакаат да се вклучат во општеството, но моето искуство е спротивно. Младите имаат идеи, имаат визија, само е потребна платформа каде ќе можат да се искажат, вели Кузмановска.

Младите бараа поголема слобода на говор и би сакале да бидат вклучени во процесите што ги засегаат нив, појаснува таа. Младите особено ги засега животната средина и екологијата, па оттука МОФ работи на проекти поврзани со оваа проблематика.

Engage се одржува во Куршумли ан во Скопје и официјалниот почеток е во 17 часот. Влезот е бесплатен за сите, но за регистрација е потребно да се дојде порано. Пријавувањето почнува од 16 часот.