Курти за вонредни избори во Косово: Опозицијата да се подготви, ние сме секогаш подготвени
Косовскиот премиер, Албин Курти уште еднаш ја изрази подготвеноста на неговата партија, Движење самоопределување, да оди на вонредни избори.
Во обраќање пред новинарите на свеченото отворање на 23-тото издание на меѓународниот саем ЕКСПОКОС, Курти ѝ порача на опозицијата да биде подготвена за таков процес, во спротивно рече дека ќе си го заврши мандатот до крај.
„Опозицијата треба да се подготви. Ние сме секогаш подготвени, инаку, ако се тие раат, ќе си го истераме мандатот до крај“, рече Курти.
Од опозициските партии, засега само Демократската партија на Косово (ПДК) бара предвремени избори, а одговорија и на поканата на Курти за средба. Таквиот потег на ПДК беше критикуван од другите опозициски партии.
Мемли Красниќи, кој единствен од опозициските лидери одговори на поканата на Курти да се разговара за законодавната агенда, рече дека изборите се неопходни.
Красниќи во понеделникот рече дека ПДК е подготвена да постигне договор со сите парламентарни партии за распуштање на Собранието „преку заедничка иницијатива“.
Опозицискиот Демократски сојуз на Косово преку соопштение за јавноста, објавено вчера, рече дека нема да биде дел од каков било „однапред договорен договор зад затворени врати и на вечери“.
Оставка или разрешување на премиерот Курти пред распуштањето на Собранието побара и другата парламентарна опозициска партија, Алијансата за иднината на Косово.
Датумот за одржување на изборите го одредува претседателот на државата, по консултации со политичките партии, а по распуштањето на Собранието.
Откако Косово стана независна држава во 2008 година, ниту една влада не го завршила до крај својот четиригодишен мандат.