Курти соочен со опаѓање на поддршката во Косово
На своите поддржувачи им вети ангажман во секое „ќоше“ на Косово, а тие му дадоа доверба. Движењето Самоопределување, предводено од премиерот Албин Курти, победи на парламентарните избори на Косово на 9 февруари со околу 41 отсто од гласовите, според прелиминарните резултати.
„Ќе ја продолжиме добрата работа што ја започнавме во изминатите четири години и ќе правиме многу други работи, во согласност со нашите ветувања, од едниот до другиот крај на Косово“, рече Курти по прогласувањето на победата.
Курти ја водеше владата на Косово четири години, почнувајќи од 2021 година и кратко време во 2020 година. Споредено со изборите пред четири години, поддршката за неговата партија е намалена за околу 10 проценти. И покрај тоа, Курти рече дека Самоопределување ќе ја води владата уште четири години.
Се уште не е јасно со која политичка сила ќе коалицира оваа партија за да обезбеди 61 пратеник во косовското Собрание, ниту пак политиката што ќе ја води, објавува РСЕ.