Кумановецот Влад Илиќ најдобар стендап комичар во Британија за 2025: Шансите за успех беа мали, но победи „балканскиот инает“

Кумановецот Владимир Илиќ неодамна беше прогласен за најдобар стендап комичар во Велика Британија за 2025 година. Наградата му била доделена во клубот „Комеди стор“ во Лондон, а Илиќ победи во конкуренција на 700 комичари од Велика Британија. Влад Илиќ десет години се занимава со стендап комедија, а претходно неговиот успех го забележа и „Би-Би-Си“.

Во Велика Британија се преселил во 2016-та, а професионално почнал да се занимава со стендап комедија после две години. Освен во Велика Британија, настапувал во Малта, Германија, Ирска, Франција, Шведска, Италија, Србија и на Малдивите. Наредниот период планира турнеи во Австралија и Канада, развој на комична телевизиска серија за „расеан“ балкански поп и неговото семејство во Англија која посакува наскоро да ја сними.

Во интервјуто за МИА, вели дека шансите за успех биле мали, но победил „балканскиот инает“ и додава „за да надмудриш кумановец во шега е исто како да си ја освоил оваа награда“.

Илиќ настапува на четири јазици и материјалите постојано ги преведува.