Културата како штит од поделбите:со силни пораки за мир, надеж и идентитет отворено 66-то „Охридско лето“
Со силни пораки за мир, надеж, солидарност и зачувување на идентитетот во време на глобални политички тензии, воени конфликти и длабоки поделби, синоќа во Охрид беше крената завесата на најголемата и најпрестижна културна манифестација во земјава – фестивалот „Охридско лето“.
Прогласувајќи го фестивалот за отворен, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна дека во ера на превирања, културата останува единствениот автентичен простор што ги спојува луѓето и ги премостува разликите.
Секој народ има свој јазик на кој разговара со светот, но постои еден јазик што сите го разбираат без преведувач – тоа е јазикот на уметноста.- се надоврза министерот за култура во заминување Зоран Љутков.
Уметничката порака на фестивалот годинава ја испрати истакнатиот македонски , оперски првенец Игор Дурловски осврнувајќи се на тоа дека малите земји имаат посебна улога во културата на светот.
Синоќа Античкиот театар беше исполнет до последното место. Повеќе од 4.000 гости сведочеа на спектакуларното музичко отворање на 66-то фестивалско издание.На сцената заблескаа светските оперски ѕвезди – сопранот Ермонела Јахо од Албанија и американскиот тенор Чарлс Кастроново. Нивните моќни изведби беа придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на врвниот италијански маестро Марко Боеми.Со извонредна емоција и техничка супериорност, уметниците буквално ја воодушевија публиката, која ги награди со долготрајни стоечки овации и повеќекратни бисови, најавувајќи уште едно незаборавно фестивалско лето.

