Крвава пресметка во Чаир, убиен син на екс функционер на ДУИ, двајца повредени

Караница за сообраќај заврши во филмска пукотница. На паркинг во Чаир вооружени групи си ги одмерувале силите. Тројца се здобиле со рани од куршум од кои трагично заврши 35-годишниот Хабиб Буњаку од Скопје.

Лекарите не успеале да го спасат. Останатите двајца со иницијали А.Д и Н.Д по лекарската интервенција - се надвор од животна опасност. Полицијата уапси четири лица учесници во инцидентот

„По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје околу 1:40 часот во болницата го лишиле од слобода Б.Б. (39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д. (22) од Скопје, додека подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р. (41) и К.Т. (28), двајцата од Скопје. Лицата биле задржани во полициска станица“, информираат од МВР.

Локацијата на крвавиот инцидент паркингот во населбата Топанско Поле попладнево под силно полициско обезбедување. Се прибираа докази. Зе земаа траги од запечатани возила марка БМВ Мерцедес и Пасат со кои се превезувале учесниците во инцидентот. Дел од нив оштетени од синоќешните рафали. Увид изврши јавен обвинител. Подигнати се и чаури кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од безбедносни камери кои се прегледуваат од обвинителството.

- Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините. Според првичнитесознанија, во престрелката учествувале повеќе лица.“ - ОЈО.

Хабиб Буњаку работел во државната компнија МЕПСО. Инаку е син на поранешен функционер на ДУИ, Екрем Буњаку кој до 2017-та беше директор на Техничкиот инспекторат.