Крвав терористички напад во Нов Зеланд
Foto

Крвав терористички напад во Нов Зеланд

Педесеттина убиени и триесетина ранети е билансот на крвавиот терористички напад во две џамии во градот Крајстчрч, на Нов Зеланд. Брентон Тарант, 29-годишен Австралиец, го извршил најсмртоносниот терористички напад во историјата на земјата. Пред двете џамии за време на пладневната молитва тој пристигнал со автомобил, слушајќи по пат и српска песна, посветена на Радован Караџиќ. Со две автоматски пушки го почнува злосторничкиот поход снимајќи го ужасот, кој го пренесувал во живо на социјалните мрежи. 

Пукањето почна во џамијата Ел Нур во центарот на Крајстчрч, а потоа и во џамијата во предградието Линвуд. Според манифестот кој го објавил на Твитер, убиецот веројатно се „инспирирал“ од конспиративни теории кои потекнуваат од Франција, а според кои, европското население ги губи своите татковини поради миграцијата на странци со повисок наталитет. На оружјето со кое го извел нападот, беа напишани имиња на историски личности, меѓу кои и српски. Меѓу настраданите има и деца.

„Слушнав силно пукање. Најверојатно од пиштол. По долготрајно пукање, многумина седнаа на под. Јас седев позади. Повикав полиција. Им требаше долго време да пристигнат“. - вели очевидец.

Напаѓачот е приведен и обвинет за убиство и утре ќе биде изведен пред судија. Премиерката на Нов Зеланд Џесинда Ардерн изјави дека ова е еден од најцрните денови во историјата на земјата.

„Јасно е дека ова може да се опише само како терористички напад. Од она што го знаеме е дека е добро испланиран. Два експлозивна уреда прицврстени во две возила се демонтирани. Уапсени се 4 лица. Напаѓачот е роден во Австралија.Сите уапсени имаат екстремистички ставови“. - изјави Џесинда Ардерн – премиерка на Нов Зеланд.

Полицијата соопшти дека работи на безбедноста на граѓаните. 

„Полициски сили се распоредени на повеќе критични места и во околината на џамиите“. - изјави претставник на полицијата.

Од светот осуди за нападот. Исламските земји го осудија нападот во двете џамии, а сочувства испратија претседателите на САД и на Русија Доналд Трамп и Владимир Путин, британската кралица Елизабета и ЕУ.

0 Коментари

Остави коментари