„Крпен живот“ - синдикалната кошничка се намалила за 57 денари
Синдикалната кошничка поевтини за помалку од едно евро, државниот просек на платата намален за повеќе од две евра. Сојузот на синдикати објави дека на едно четири члено семејство во октомври му биле потребни 61 249 денари за основните животни потреби.
Оваа анализа на Телевизија 24 ја започнуваме со податоците од најновата синдикална кошничка. Во октовмри само за основните прехранбени производи потребна е близу цела минимална плата, односно 22 100 денари. На домаќинствата кои имаат студенти во семејството во октомври му биле потребни седум илјади денари за старт на академската година. За сметки потребни биле шест илјади денари, за набавка на облека и обувки над пет и пол илјади денари. Останатите пари се резервирани за автобуски транспорт на членовите на семејството, за сметки за телефон и интернет, за угостителски услуги, рекреација и за основните здравствени прегледи кои подлежат на партиципација.
Синдикална потрошувачка кошничка
Храна 22 069 денари
Образование 7 000 денари
Домување, вода, електрична енергија, греење 6 000 денари
Облека и обувки 5 750 денари
Транспорт 4 400 денари
Ресторани и хотели 3 900 денари
Рекреација и култура 4350 денари
Комуникации 3 250 денари
Здравство 1 200 денари
Куповната моќ многу повеќе ќе се зголемела ако трговците не ги зголемија цените на храната пред да стапи владината мерка за ограничување на профитната маржа, обвинуваат од ССМ.
„Алчноста за профит на трговците државата мора да го заузда. Трговците, кога разбраа за намерата на Владата за ограничување на маржите, ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари во однос на септември.“ - ССМ.
Во меѓувреме Државната статистика објави дека втор месец по ред се намалува просечната плата. Во август годинава во однос на јули државниот просек е намален за нешто повеќе од две евра. Официјалните податоци велат дека во август годинава просечната плата изнесувала 41 097 денари, во однос на јули годинава има намалување на просечната плата од 136 денари. Сепак подраматичен пад на просечната плата се случи во јули во однос на јуни годинава кога статистика пресмета дека просекот се намалил за безмалку 1000 денари. Ова е прв пат по подолго време просечната плата во земјава да се намалува два месеци по ред.
Просечна плата
Август 41 097 Јули 40 961 - 136 денари
Јули 40 961 денари Јуни 41 939 - 978 денари
Владината мерка за ограничување на маржите завршува следната недела. Уште од самиот старт економистите апелираа дека веќе е докажано дека овие потези не даваат резултати. Во време кога инфлациојата е на ниво од два до три отсто, експертите сугерираа дека не треба да се интервенира во пазарните екопномија туку треба да се зголемат платите се со цел подобрување на стандардот на граѓаните.