„Крпен живот“: Цените до плафон, граѓаните едвај преживуваат

Благ раст на инфлацијата бележи Државниот завод за статистика, а во моментов истата е резултат на повлечените мерки кои што Владата во заминување ги имаше донесено, оценуваат дел од економистите во земјава.

Факт е дека се соочивме со повеќе кризи, но сега не се очекува драматичен скок на инфлацијата, туку нејзина стабилизација, вели за 24 универзитетскиот професор, Абил Бауш.  

За една година трошоците за живот зголемени за 4,5 отсто. Најновиот извештај на Државниот завод за статистика покажува дека на месечно ниво инфлацијата е зголемена за 0,9 отсто. А дека цените во маркетите не престануваат да ги изненадуваат граѓаните потврдуваат и информациите од извештајот кои покажуваат дека трошоците за храна се зголемени за безмалку 4 отсто. Граѓаните пак коментираат, не се живее туку се преживува.

Наместо да се фокусираме на економски раст и развој, капитални инвестиции, според Бауш државата заглави на краткорочни мерки кои не даваат позитивни резултати на долг план и затоа, како што вели тој, новата Влада треба да се фокусира на сосема нови и поразлични мерки со цел што побргу да се надминат последиците од сега веќе завршените мерки.

Инаку, според последните пресметки на ССМ, на едно четиричлено семејство за да го преживее месецот потребни му се над 1.000 евра, а најмногу од тие пари или нешто речиси околу 22.000 денари се даваат само за храна и пијалаци.