„Крпен живот“: Цени до „плафон“, мерки нема
На штета на граѓаните ќе биде тоа што Владата се откажа од мерки за намалување на инфлацијата и ја пушта таа природно да се намали. Професорот по економија Абил Бауш вели дека и досегашните мерки не дале резултат, а индиферентноста на оние кои треба да ја намалат, може да доведе до нова инфлаторна спирала. Бауш не верува дека инфлацијата ќе дојде до границата од два проценти и прогнозира таа да изнесува од 3 до 3,5 проценти до крајот на годината и тоа ако не се случи некаква криза од надвор.
Пред два дена Заводот за статистика објави дека трошоците за живот во август годинава пораснале за 4,4 проценти во споредба со август лани, најмногу поради високите цени на храната. Тоа го забележуваат и граѓаните.
Премиерот Мицкоски вчера рече дека Владата не планира мерки оти се намалувала базичната инфлација, која на месечно ниво изнесува 0,2 проценти или за речиси 1 процентен поен помалку од месецот претходно. Од друга страна, лидерот на СДСМ Венко Филипче вели дека земјава има меѓу највисоките инфлаци во Европа, а власта ги оставила цените да дивеат и решила да ги штити интгересите на бизнисмените наместо на граѓаните.
Доцна е за краткорочни, но Владата мора да направи мерки на среден рок, смета професорот Бауш.
Поради сето ова, Бауш смета дека земјава ќе ја заврши годинава со скромен економски раст, далеку од оној кој на почетокот на годината Владата го проектираше.

