Кризна состојба: Власта инсистира на уживање во морски плодови
Владата да се воздржи од трошоци без кои се може во време на криза, порачува Антикорупциска.
Иако според претседателката Билјана Ивановска, со рамковните договори како што е оној за набавка на морски плодови, октопод и лигњи, Владата нема обврска да ги набави овие продукти, таа вели дека трошењето во време на криза мора да биде многу порационално.
Министерот за финансии Фатмир Бесими прв пат слуша дека Владата набавува морска храна.
На прашањето од ТВ 24 дали октоподи, лигњи и други морски плодови се неопходни за време на криза и дали може да се пројде без нив, од Владата со објаснување - набавката се прави за сите ресторани кои се под надлежност на Службата за општи и заеднички работи, а даваат услуга и на Претседателот на држава, претседателот на Собрание и на други државни институции.
„Според договорот, сукцесивно се повлекува стоката зависно од потребите. Во распишана јавна набавка се користи максималната можна сума или количина на производи која би можела да се искористи, а не точната сума или количина на производи. После истекот на календарската година, се фактурираат само потрошените односно набавените производи. Тоа значи дека кога се распишува јавната набавка, не се доставуваат сите производи и количини, туку низ цела година според потребите на различните институции, а потоа се фактурира само според потрошеното, кое може да биде под максималната сума на набавката“, велат од Владата.
Во време на енергетска криза, Владата набавува морска храна за 20 илјади евра и цвеќиња и дрвја за тревнатите површини околу државни објекти за близу 280 илјади евра. Според извештајот на Центарот за граѓански комуникации, кој се базира врз истражување од последните шест месеци, секоја втора фирма која учествува во тендерите во земјава вели дека има корупција.