Криза во Германија - удар врз Македонија: Се затвораат текстилни фабрики, се отпуштаат работници
Помалку нарачки, намален број на работници, затворање на фабрики - текстилната индустрија во државата на колена. Сè поголем е бројот на текстилни компании што ставаат клуч на врата.
Источниот регион е особено погоден, бидејќи најголем дел од текстилните компании се лоцирани овде. Над 5.000 работници се одлеале од текстилниот сектор од почетокот на годината. За три недели пак се затвориле три фабрики од по 100 тина вработени, покажуваат податоците на Здружението за заштита на работничките права, “Гласен Текстилец”.
Претседателката Кристина Ампева вели дека причините се најразлични, од ниски плати и лоши услови за работа, до нелојална конкуренција и состојбата во која се наоѓаат странските партнери.
Кризата во Германија предизвика пад на побарувачката на македонските текстилни производи. Миле Бошков од Бизнис-конфедерацијата пак смета дека фокусирањето на само еден пазар е убиствено за компаниите, а токму тоа ни се случува со Германија.
И работодавачите се свесни за ситуацијата, но не се оптимисти дека во блиска иднина ќе се промени нешто на долгорочен план.
Инаку, бројките покажуваат дека оваа традиционална индустрија учествува со над 10 отсто во вкупното индустриско производство и оваа гранка некогаш важеше за сериозен мотор на домашната економија.

