Кривични пријави за врсничко насилство

Кривични пријави против три девојки кои физички малтретираа малолетничка во Куманово, прво ја понижувале потоа физички ја нападнале.

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против една 18-годишна девојка, а за две малолетнички на возраст од 15 и 14 години е поднесено барање за поведување подготвителна постапка до судијата за деца при Основниот суд во Куманово, бидејќи заедно учествувале во дејствија на кривично дело – Насилство. 

ОЈО 

„На 13 март годинава тие повикале девојче кое тогаш имало 13 години да излезе од дома со нив и ја убедиле да влезе во запуштена просторија во близина на спортскиот центар ” Соколана”. Таму жртвата грубо ја навредувале и физички ја нападнале, удирајќи ја по лицето и телото. Насилството го снимале со телефон, а на нападнатото девојче му се заканиле по живот доколку каже некому за настанот. Јавното обвинителство, веднаш по објавата на видеото на социјалните мрежи презеде дејствија за обезбедување докази, а за полнолетната осомничена достави и предлог за определување мерки на претпазливост до надлежниот суд – задолжително јавување во судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со жртвата.“ - велат од ОЈО. 

Психолозите велат дека алармот е одамна вклучен но дека потребно е посериозен пристап во разрешување на ваквите насилства. Посочуваат дека потребно е да се размисли во која насока повозрасните влијаат врз малолетните и како општеството стана огледало во кое се отсликуваат контурите на возрасните.  

Дигиталната ера го трансформираше врсничкото насилство од изолиран инцидент во јавен чин. Психолозите и социолозите велат дека без системска интервенција, ваквите инциденти ќе продолжат да ја потресуваат јавноста, оставајќи трајни последици врз менталното здравје на младите генерации.