Кривична за екс градоначалникот на Струмица: Костадинов е осомничен за купување на електрични автобуси

Ја злоупотребиле службената положба и се сомничат за проневера од околу 7 милиони евра. Поднесена е кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште пет лица вклучени во постапката за набавка на 10 електрични автобуси во вредност од околу 430 милиони денари. Костадинов, во својство на градоначалник, ги пречекорил правилата на постапката за јавна набавка за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“ и се товари дека доделувал договори за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.

МВР

„Пријавениот К.К., во својство на поранешен градоначалник на општината, ги повредил правилата на постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на ЈСП „Струмица-Транспорт“ од Струмица... Кривични пријави се поднесени и против Д.П.С. од Струмица, К.Б. од Богданци, Л.Ј. од струмичкото село Ново Село и Л.Ѓ. (62) од Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело ‘несовесно работење во службата’, како и против Г.П. од Скопје поради сомнение дека помогнал во извршување на кривичните дела ‘злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство’ и ‘несовесно работење во службата“ , стои во дел од соопштението на МВР.

Од Основното јавно обвинителство за Телевизија 24 потврдија дека постапуваат по пријавата на МВР и дека се преземаат дејствија за проверки.

Основно јавно обвинителство

„Пријавата е примена во Основното јавно обвинителство Струмица и се преземаат дејствија на проверки“, велат од ОЈО.

Костадинов се огласи преку социјалните медиуми, ги отфрли обвинувањата и истакна дека стои на располагање на сите надлежни органи и институции.

„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции, со цел да им биде елаборирано и појаснето на кој начин е спроведен овој проект, кој денес беспрекорно функционира во пракса“, напиша Костадинов на Фејсбук.

Инаку, Костадин Костадинов ја извршуваше функцијата градоначалник на Струмица во периодот од 2021 до 2025 година. Тој беше избран од редовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, каде што во моментов има замрзнато членство.