Кривична против скопјанец за „тероризам“, лажно пријавил подметната бомба во авион на скопскиот аеродром

Од навидум добро смислено сценарио за трилер до кривична пријава за тероризам и предлог мерка притвор за 26 годишен скопјанец и признавање на делото. Скопјанецот на шеснаесетти месецов околу 3 часот по полноќ, на 192 пријавил дека е поставена бомба во авион кој требало да полета од Меѓународниот аеродром Скопје кон Анталија, Р. Турција, а потоа истиот беше неколку часа затворен за сообраќај и планираните летови беа одложени.

Сценариото пропаѓа кога алармот се вклучил кај секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам и се активирани протоколите за антитерористичка проверка, а надлежните по неколкучасовна проверка констатирале дека станува збор за лажна пријава.

Осомничениот создал чувство на страв и несигурност кај патниците и другите присутни на аеродромот, а воедно со активирање на протоколите за антитерористичка проверка го пореметил и севкупниот воздушен сообраќај. Пријавувачот се товари за кривично дело тероризам.

МВР

„При преземањето мерки, на 20.08.2025, со судска наредба, бил извршен претрес во домот на С.А. на подрачјето на Кисела Вода, при што биле пронајдени и одземени предмети поврзани со настанот, а тој бил лишен од слобода. Во службен разговор во полициска станица тој го признал делото.“

ОЈО ГОКК до Кривичниот суд достави предлог за мерка притвор против 26годишниот скопјанец.

ОЈО ГОКК

„Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, предметен обвинител од ОЈО ГОКК донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомневање дека сторило кривично дело Тероризам. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот образложувајќи ги околностите што го оправдуваат предлогот и упатуваат на тоа дека во конкретниот случај целта на притворот не би можела да се оствари со некоја друга мерка за обезбедување присуство на осомничениот.“

Претходно од ТАВ Македонија посочија дека биле преземени сите мерки и активирани плановите и процедурите за постапување при вакви настани. Немало откажани летови на Меѓународниот аеродром Скопје, но сообраќајот бил времено запрен до 6:00 часот,  односно се'  додека МВР не известило дека е безбедно.

КЗ за извршување на вакво кривично дело предвидува казна затвор од најмалку осум години.