Кривична пријава за тешки дела против општата сигурност за 10 полициски службеници

Десет полициски службеници од  Кочани и Штип добија кривични пријави за непостапување според мерките и прописите за заштита и не извршување целосна проверка пред издавањето на лиценца за работа на кабарето „Пулс“ во Кочани, каде пред еден месец во трагичен пожар животите ги изгубија 61 лице.  

Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, пријавените до Министерството за економија тврделе дека објектот поседува елаборати за заштита од пожар и нема пречки за јавниот ред и мир и сообраќај.

- Службените лица овозможиле правното лице ДПТТУ „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност - кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде што се собираат поголем број луѓе. - МВР.

Од Основното јавно обвинителство, пак, велат дека ја прошириле истрагата за пожарот во Кочани. Оттаму, побарале мерки за претпазливост за седум од десетте осомничени, бидејќи тројца веќе се во притвор а по едно лице се уште се трага.

- Постои основано сомнение дека осомничените во временскиот период од 07 декември 2012 година до 21 јануари 2022 година, како соизвршители, сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност. - ОЈО.

Досега, со истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани опфатени се над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и полициски службеници.