Кривична пријава за поранешната министерка Костадиновска-Стојчевска

Симболот на уметноста на градот Скопје - Универзална сала и понатаму предмет на превирања. Министерот за култура Љутков неодамна најави, а МВР поднесе кривична пријава против поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска - Стојчевска, за злоупотреба на службена положба и овластување, наведувајќи дека за доградба на Универзална сала го презела истиот договор што го имал Град Скопје со фирмата, иако тој договор бил истечен и требало да распише нов тендер.

На тој начин, додаваат од МВР, на фирмата противзаконски и исплатила повеќе од 27 милиони денари.

„И покрај тоа што Министерството (за култура) било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со правно лице од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка.“- се вели во соопштението од МВР.

Поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска вели дека постојат голем број на сектори кои учлествувале во преземањето на Универзална сала но и дека остава Обвинителството да си ја заврши својата работа.

„Нека си ги прибави обвинителството сите документи, нека си ја спроведе постапката и ќе видиме што ќе е понатаму. Оставам да сработат.“ - вели поранешната министерка за култура,  Бисера Костадиновска - Стојчевска.

Претходно, за иницијативата за времено предавање на ингеренциите за реконструкција на Универзална сала на Министерството за култура согласност даде Советот на Град Скопје. Потоа на владина седница беше усвоена информацијата за пренесување на правото на реконструкција, доградба и надградба на Универзална сала, од Град Скопје на Министерството за култура.