Кривичен во целост го прифати обвинението за пожарот во „Пулс“

По повеќе од шест месеци од трагедијата Кривичниот суд во целост го одобри обвинението за пожарот во Кочани. На оценка на обвинителниот акт се чекаше речиси четири месеци, со оглед на тоа дека обвинението во кое се опфатени 37 лица беше поднесено на 13 јуни.

Судскиот процес ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а судењето ќе се одржи во Скопје по одлука на Врховниот суд, кој одлучи предметот да се префрли од Кочани во главниот град.

ОСНОВЕН КРИВИЧЕН СУД СКОПЈЕ

- Советот за оценка донесе Решение К-ООА бр.155/25 на 03.10.2025 година со кое го одобри обвинителен акт во целост, по што се оформи кривичен предмет К.бр. 1872/25. 

Согласно АКМИС – системот е распределен на понатамошно постапување кај судијата Диана Груевска Илиевска од одделот Кривично полнолетни. Станува збор за судија со 19 годишен судиски стаж во сите оддели на овој суд, како и претходен 17 – годишен стаж како стручен соработник.

По овој предмет од Советот за оценка беа изземени судијата Билјана Коцевска и судијата Бранка Наумовска, а од постапување во кривичниот совет изземен е и судијата Ивица Стефановски, поради судир на интереси. Изземени се и судиите Софче Гаврилова Ефремов и Илија Трпков, бидејќи согласно правилата, судии што учествувале во оценката на обвинителлниот акт не можат да бидат дел од судскиот процес. Судијката Елизабета Постоловска пак е изземена бидејќи го немала законски предвиденото искуство. Поради целата оваа ситуација, еден од адвокатите на дел од обвинетите, преку фејсбук статус прашува: значи ли ова дека досега на “небитните предмети” си се судело по договорена шема?

ТЕЛОП ФЕЈСБУК СТАТУС НА ВАНЧО ШЕХТАНСКИ

Кривичниот суд во Скопје мака мачи да најде судија за дискотека Пулс. Имено дури 8 судии се само изземени затоа што биле во крвно сродство со адвокатите односно бранителите на обвинетите. Значи ли ова дека досега на “небитните” предмети си се судело по договорена шема и ако има нормална правна држава, а ова ми го читаат и министер за внатрешни и премиер и обвинители тогаш поголемо злосторничко здружување кое си функционира во судството-нема. 

Откако обвинителниот акт е одобрен и е избран судија, сега се очекува да биде одреден датум за почеток на судскиот процес. “ Со отпочнување на судската постапка, ќе започне и нашата голгота до вистинската правда”, реагираат родителите на загинатите деца.

ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ „16.МАРТ 2025 КОЧАНИ“

- Овој обвинителен акт кој денес е прифатен од судот е непотполн и нецелосен. Веруваме, а и знаеме дека многумина вистински актери-причинители за масовното убиство на 16ти март не се опфатени, односно ги нема, а веруваме и знаеме дека има докази за истите. Ете тоа ќе биде нашата мачна голгота, пат кој ќе следи. Не уверуваа и лажеа дека од доказите произлегува дека одредени претставници на институциите не може да се опфатат, а пред недела дена излезе спротивното. Веруваме дека има уште такви докази и за други лица кои очајно сакаат да ги сокријат. 

Во реакцијата што ја испратија до 24, родителите на жртвите нагласуваат дека нема да престанат да се борат и ќе одат до крај во барањето правда за нивните загинати чеда. Тие и утре, сабота со почеток од 16 часот и 5 минути ќе го реализираат 25-тиот„Марш за ангелите“.

Инаку, и понатаму трае постапката за осомничените полициски службеници, а сите обвинети во случајот се товарат за исто дело, тешки дела против општата сигурност.