Кривичен суд: Во досудената казна затвор на Миле Јанакиески за „Титаник“ веќе е пресметан притворот и куќниот притвор

Миле Јанакиески ќе лежи затвор година и девет месеци помалку. По повеќедневните дилеми дали треба или не да му се пофатат притворите, Кривичниот суд денеска преку соопштение образложи дека времето поминато во притвор и куќен притвор на Јанакиески за „Титаник“ е одземено од казната за предметот во кој ексминистерот за транспорт и врски призна вина.

- Во донесената пресуда врз основа на признание на вина, како и во решение на Апелациониот суд - Скопје со кое се потврдува првостепената пресуда, но и во наредбата за спровод од судијата за извршување санкции е наведено дека во досудената казна затвор се засметува времето поминато во притвор, односно околу една година и девет месеци. - велат од Кривичен суд.

Ова доаѓа по реакциите на дел од правниците кои бараа во затворската казна на Јанакиески да му бидат засметани притворите за сите кривични дела досега. Но, според кривичниот суд, тоа може да се случи само ако во сите случаи, притворот и издржаната казна или мерка за безбедност се во врска со казненото дело за кое на сторителот му е изречена казна. Откако пресудите од апелација за оние кои признале вина ќе пристигнат до нив, ќе почне вонредно преиспитување на пресудата, кое пак треба да го направи Врховниот суд.

Дека спојувањето на предмети е позната пракса во емисијата Анализа на ТВ 24 кажа и судијата и претседател на здружението на судии, Џемал Саити.

„Нашата пракса и законот познава спојување на казни, но јас не би сакал да изразам став. Сум запознаен со таа идеја, но треба да оставиме како ќе се произнесе судијата.“ - вели Саити.

Ексминистерот Јанакиески во четвртокот беше спроведен во затворот „Идризово“, каде треба да издржува три ипол годишна затворска казна за „Титаник“. Пред медиумите при носењето во затвор, тој кажа дека не се чувствува безбедно и дека е под седативи. Тој воедно е и единствениот до сите кои поднесоа жалба, што доби затворска казна. На остнаатите, казните им беа ублажени во условни.