Кривичен суд: Сеад Кочан на 17 јули треба да се јави во Шутка
Foto

Кривичен суд: Сеад Кочан на 17 јули треба да се јави во Шутка

Откако судот му испрати покана на 17 јули да се јави во затвор, Сеад Кочан подготвува терен за одложување на казната. Неговиот адвокат Миле Петровски не открива врз кои основи ќе бара од Кривичниот суд да го помести рокот, но во телефонски разговор вели дека ќе направат се што дозволува законот.

Денеска Кочан го примил упатниот акт, со кој за помалку од еден месец треба да почне со издржување на затворската казна од четири години и 8 месеци.

„Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд – Скопје, надлежен да постапува по предметот од обвинителството означен како „Труст“, изготви  и достави упатен акт за еден од обвинетите кој со правосилна пресуда е осуден на ефективна казна затвор. Според упатниот акт, а согласно член 137 и 139 ст.3 од Законот за извршување снакции, осудениот е должен на 17.07.2019 да се јави на издржување на казната затвор во наведената казнено поправна установа.“ - велат од Основен суд.

Кочан е осуден во случајот „Труст“ бидејќи со лажни документи добивал милионски тендери за ископ на јаглен и јаловина во Рек Битола. Кривичниот суд првостепено го осуди на 6 години затвор, но Апелација му ја намали казната. Сега се брани од слобода.

Претходно пак, два месеца беше во бегство, откако судот донесе одлука за притвор. Со образложение дека бил на службен пат, се врати во земјава откако Врховниот суд му го укина притворот. На крај, слободата си ја купи со гаранција од милион евра. За судии кои го пуштија од притвор, се води постапка и во Судскиот совет, но се уште нема никаков епилог.

0 Коментари

Остави коментари