Кривичен суд апелира да се истражат елементите на закани и притисоци на дел од адвокатите во „ТНТ“

Не се повици и јавни апели, туку закани и притисоци. Вака кривичниот суд ги оценува писмата на адвокатот од ТНТ Јовица Страшевски. Претседателот на скопска единица, Иван Џолев бара надлежните да ги испитаат пораките кои јавно беа упатени до поротничката Лилјана Кочковска, дека не смее да доаѓа на судења бидејќи на 24 декември и почнале пензионерските денови.

„Притисок/закана со поднесување на кривична пријава кон судски поротник, кој активно учествува во водењето на судската постапка и учествува во носењето на одлуката, е сериозен акт и класичен пример на атак врз независноста и непристрасноста на судското одлучување, дотолку повеќе што во конкретниов случај заканата е генерирана од адвокат кој е учесник во истиот судски предмет во кој постапува нападнатиот судија - поротник.“ - велат од Кривичен суд.

Овој став го поддржа и Здружението на судии, кое ги осуди сите видови на опструкција на правдата. Адвокатот на поранешниот градоначалник Тони Трајковски испрати три писма. Поротничката Кочковска ја предупреди дека ќе направи кривично дело ако продолжи да доаѓа на судењата за уривањето на Космос, бидејќи и завршил 4 годишниот мандат уште во декември. Две писма стигнаа на адреса и до Судскиот совет. Но, одговорот од таму е осуда. Нема да се закаже итна седница, како што бараше адвокатот Страшевски.

„На овој начин адвокатот Страшевски покрај улогата на бранител, настојува да ја менаџира постапката во случајот ТНТ, да ја превземе и улогата на судија, спротивно на принципот на владеење на правото чии сегмент е и принципот на судење во разумен рок. Судскиот совет не може да се меша во менаџирањето со предметите но е заинтересиран постапките да се завршат без одовлекување во разумен рок.“ - велат од Судски совет на РСМ.

За овој случај веќе се води дисциплинска постапка против адвокатот Мерџан Даути, кој беше ангажиран од градежната инспекторка Елисавета Најдовска кон крајот на процесот и побара се да му биде преведено на албански јазик.

Судиите препознаа обид за блокирање и одолговлекување на постапката. Правосудниот експлозив „ТНТ“ стигна и до рацете на министерката за правда. На судиите им порача да работат по закон и без пропусти, а на адвокатите да не ги злоупотребуваат правата во постапката.

Времето сега е најсилниот адут и на двете страни. На обвинетите да го „купат“ за да не им се пресуди до крајот на месецот , а на судиите да го претекнат за да донесат пресуда до 27 јануари. Тогаш е закажана седницата на која Судскиот совет ќе констатира престанок на мандатот и пензионирање на поротничката.