Крената рампата на преминот “Рафах”
Првите амбулантни возила со ранети Палестинци од Појасот Газа влегоа во Египет преку преминот Рафах. Според договорот за ограничена евакуација од Појасот Газа, стотина тешко ранети Палестинци треба да бидат пренесени во болниците во Египет.
Отворањето на преминот Рафах е дел од договорот меѓу Израел, Хамас и Египет со посредство на Катар. И Првата група странски државјани го напуштија опколениот Појас Газа. Станува збор за најмалку 400 странски државјани на кои ќе им биде дозволено да преминат во Египет.
Инаку, Комуникациите почнаа постепено да се обновуваат во делови од Појасот Газа, неколку часа откако блокираната територија беше погодена од втор голем прекин на телефонските и интернет услугите. Претходно, комуникациите беа прекинати од петокот навечер до неделата наутро, што се совпадна со влегувањето на голем број израелски копнени трупи во Појасот Газа.
Во меѓувреме, Владата во Појасот Газа, контролирана од Хамас, соопшти дека израелските воздушни сили погодиле станбен блок во бегалски камп во близина на градот Газа втор ден по ред.
Властите на Хамас наведуваат дека во нападот се убиени и ранети многу луѓе, иако нема конкретни бројки.