Кредитот од 1 милијарда евра за Македонија под истрага во Унгарија

Унгарскиот кредит од една милијарда евра доби неочекувана „камата“, кривична истрага во Унгарија. Унгарската полиција отвори постапка поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и несовесно управување во државната Ексимбанка. Се истражуваат четири случаи, а меѓу нив е и заемот од една милијарда евра за Македонија. Постапката следува по пријава што унгарското Министерство за економија ја поднело во јули, по внатрешна ревизија на банката. На 31 август истражителите заплениле илјадници страници интерна документација од Министерството, која треба да помогне во проверката на сомнежите. Кредитот за Македонија е одобрен со камата од 3,25 проценти и со целосна државна гаранција. Унгарскиот премиер Петер Маѓар претходно тврдеше дека постои сомнеж оти пари наменети за поддршка на унгарски компании биле пренасочени за помош на странски политички сојузник, а можна корист можеле да имаат и компании блиски до претходната унгарска власт. Поранешниот премиер Виктор Орбан ги отфрла обвинувањата за корупција. За македонската Владата овие информации се засновани на медиумски објави или политички изјави, па не сакаат да ги коментираат. Од Илинденска број 2 потенцираат дека каматните стапки по кои Македонија го добила заемот ја покажуваат поволноста на договорот, но и, како што велат, стабилната економска и политичка состојба во земјата.

„Целокупната постапка за обезбедување и реализација на заемот со Унгарската експорт-импорт банка е спроведена целосно согласно законските прописи во Република Македонија. Потпишувањето на договорите од страна на Министерството за финансии е извршено врз основа на заклучок на Владата, согласно Законот за јавен долг и законите за задолжување на Република Македонија со заем кај Унгарската експорт-импорт банка, кои беа претходно донесени од Собранието. Сите надлежни институции постапувале и постапуваат во согласност со важечките законски процедури, со целосна институционална и правна основа. Македонија е договорна страна која ги има исполнето своите законски и договорни обврски и нема основ за шпекулации дека државата би можела да биде вовлечена во каков било правен или политички спор.“

Договорот за заем беше потпишан во октомври 2024 година. Од кредитната линија, 250 милиони евра беа насочени кон домашните компании, а дополнителни 250 милиони за инфраструктурни проекти во општините, училишта, градинки, спортски сали, улици и друга локална инфраструктура. Македонскиот кредит е само еден од четирите предмети. Под лупа се и финансирања поврзани со хотел, инфраструктурен проект во Африка и проект за египетските железници. Истрагата е во почетна фаза и засега нема обвинение против конкретно лице. Но заемот што во Скопје беше промовиран како поволен и развоен аранжман, сега во Будимпешта ќе треба да помине и низ полициска проверка, за да се утврди дали при неговото одобрување биле почитувани правилата и законите.