Ковид 19 зема замав, „Борис Трајковски” повторно станува вакцинален пункт
Foto

Ковид 19 зема замав, „Борис Трајковски” повторно станува вакцинален пункт

Инфективната и модуларната болница во Скопје се наполнија со КОВИД пациенти. Капацитетите се исполнети и во болниците во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга. 

Здравството повторно се мобилизира. Дел од клиниките повторно се престројуваат во КОВИД центри, а здравствени работници ги прекинуваат годишните одмори. 

Министерот за здравство не чувствува одговорност за состојбата и покрај изјавата на Претседателот на Комисијата за заразни болести, кој рече дека Владата не ги послушала нивните препораки - да не се дозволат свадби и прослави на  затворено. Филипче вели дека Владата проценила дека - состојбата тогаш била мирна. 

„Во првиот момент кога видовме дека има влошување на состојбата се дадоа и се препорачаа рестриктивните мерки. Овој бран има слични карактеристики сегде во регионот. Очигледно е дека се враќаат луѓето од патувања и од одмори и почнува повторно да се зголемува бројот на новодијагностицирани. Затоа се тие рестрикции. Имавме претходни случаи кога брановите се случуваа поради семејни веселби, така што не може да се спречи ова. Исклучиво и единствено со зголемување на опфатот на вакцинација.“ - изјави министерот Филипче.

Министерот  ги објасни и аргументите за новите мерки, кои предизвикаа поделеност и кај стручната јавност, меѓу кои и мерката со која се бара документ  за прележан ковид, но не постар од 45 дена. Според здравствените власти, природниот имунитет со тек на време се намалува, додека пак вакциналниот е траен и целта е да се забрза вакцинацијата, за побрзо да се дојде до колективен имунитет. 

„Се анализираат повеќе типови студии, тоа се доказите во медицината со соодветни студии. Има критериуми за тоа, така што нема разлика за пациент кој се опоравува дали ќе се вакцинира после 1 или 6 месеци. За него нема разлика, но има за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира што порано. Не секој развива ист имунитет по прележувањето.“ - изјави Флипче.

Министерот немаше податок дали и колку од прележаните пациенти повторно биле инфицирани со вирусот. 

Во однос на смртноста од КОВИД во земјава пак, Филипче ги негира тврдењата на дел од лекарите кои велат дека матичните доктори немаат јасно дефинирани протоколи на лекување на КОВИД пациентите, што влијае на третманот и е еден од  факторите за смртноста во земјава.

Филпче тврди дека голем дел од пациентите доцна барале лекарска помош. Инаку само во изминативе две недели 101 пациент починаа како резултат на коронавирусот. 

0 Коментари

Остави коментари