Ковачевски: За 20 дена АНБ ќе има нов директор и не можам да ви дадам повеќе информации за пасошот на Онишченко

За 20 дена Агенцијата за национална безбедност ќе добие нов директор, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Антонио Молошоски од ВМРО-ДПМНЕ за случајот со контроверзниот украински бизнисмен Олександар Онишченко, кој го праша  премиерот дали во овие пет месеци откако е на функцијата бил информиран за Онишченко од страна на директорот на АНБ, Виктор Димовски.

Ковачевски рече дека вчера на затворена владина седница директорот Димовски реферирал за овој случај, но тој не може да открие повеќе детали во јавноста.  

Милошоски потоа незадоволен од одговорот, рече дека Ковачевски морал да биде информиран за случајот Онишченко, обвинувајќи дека Онишченко воспоставил врски во Македонија во време кога Зоран Заев бил премиер и тоа за увоз на гас.  

Директорот на АНБ Виктор Димовски вчера на затворена седница на Влада реферираше за пропустите во процедурата при одобрување на македонско државјанство на Олександар Онишченко, кој во Украина се бара поради перење на пари, а поради своите врски со Русија е ставен и на црната листа на САД.

За добивање на статус македонски државјанин позитивно мислење добива од четири релевантни институции, меѓу кои една е и Агенцијата за национална безбедност. Димовски минатиот петок во Собранието реферираше случајот Онишченко, при што истакна дека кај двајца вработени во Агенцијата се забележани пропусти во последниот дел од безбедносната проверка и не биле направени консултации со НАТО партнерите за да му се додели државјанство на контроверзниот Украинец.

Онишченко за дел од медиумите рече дека е збунет, односно дека не поднесувал лажни информации во процедурата за добивање македонско државјанство, туку дека државјанството го добил како спортист. Ковачевски неколкупати досега рече дека одговорност за овој случај мора да има, но досега тоа не е случај, бидејќи Димовски за 20 дена нема да биде директор, но не поради случајот со Онишченко, туку бидејќи е избран за амбасадор на земјава во Франција.