Ковачевски утре на средба со Села за францускиот предлог

Продолжува широката консултација за францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија. За утре е најавена средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, потврдуваат од Владата за МИА.

Средбата ќе се одржи во Клубот на пратениците од 11 часот. Премиерот Ковачевски денеска потврди дека имал телефонски разговор со Села и дека најверојатно утре ќе му биде презентиран францускиот предлог.

 

- Остана за консултација уште дел, јас утрово имав телефонски разговор со Зијадин Села, најверојатно утре ќе се видиме со вицепремиерот за европски прашања да му биде претставен, објаснет во сите делови, изјави Ковачевски по денешната средба со лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за кого ваквиот предлог е неприфатлив.