Ковачевски: Собранието треба да утврди дали има одговорност во случајот Џафери
Не стивнуваат реакциите во врска со снимката на која се слуша гласот на претседателот на Собранието, Талат Џафери кој им вика на вработените од обезбедувањето.
Премиерот Димитар Ковачевски и денеска остана воздржан во врска со овој случај но сепак изјави дека постапка треба да има, но таа да се води во Собранието кое, како законодавна власт е независна од извршната власт односно Владата. Тој оставува на ставот дека нема да коментира повеќе за снимката бидејќи, како што вели тој, на неа се слуша глас ама без слика.
На новинарска забелешка дека во земјава има осудени луѓе токму врз основа на снимени гласови без слика, Ковачевски нагласи дека судот секогаш пресудува врз основа на материјални докази.
А Џафери се' уште молчи. Наместо одоговори на прашањата од медиумите од неговиот кабинет денеска пратија само информација во која соопштуваат дека денеска делегацијата на Собранието на чело со Џафери присуствувала на пленарна седница на германското Собрание. И додека првиот човек на Парламентот молчи опозициската ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од намерата за дебата за однесувањето на Џафери кон вработените во собраниското обезбедување. ВМРО-ДПМНЕ и Левица го пријавија Џафери за тешки повреди на етичкиот кодекс.
Пратениците Александар Николовски, Гордана, Силјановска Давкова и Олга Лозановска се подготвени да сведочат што точно се случило дента по завршувањето на собраниската седница. Сега се' е во рацете на претседателот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, Панчо Минов кој треба да одлучи дали и кога ќе закаже седница на која ќе се расправа по овој случај.