Ковачевски - Рама: Заедно ќе влеземе во ЕУ

Македонија нема да се врати во минатото и да се самоизолира на патот кон ЕУ, порача албанскиот премиер Еди Рама од Скопје. Смета, дека македонскиот устав треба да биде надополнет со Бугарите во него и дека тоа не е тешко.

Како причина за Македонија да не го промени својот устав и да ги продолжи преговорите, Рама ги наведе усогледоста и таканаречениот патриотизам.  Во знак на убедување, даде и свој пример.

- Тоа е многу едноставно. Не знам колку ќе помогне, дека ние имаме еден поинаков модел во Албанија, но ние во парламентот признаваме еден - не мал број на малцинства, вклучувајки го и бугарското малцинство, коешто има свое присуство – скромно , но постои во Албанија и не мислам дека сме станале некоја закана кон некое малцинство, напротив ние сметаме дека малцинствата се едно големо богатсво. - изјави Рама.

А премиерот Ковачевски денеска објаснуваше дека не било лесно да се донесат одлуките во преговорите со Софија и Брисел. Сепак вистинската опасност за продолжување на патот кон ЕУ, ја гледа во партијата Левица. Иако не одговори дали има мнозинство во парламентот , ги повика пратениците да гласаат за промена на Уставот и порача дека сите 120 пратеници треба да преземат одговорност. 

- Вистинската опасност за продолжување на европскиот пат на нашата држава, доаѓа од една политичка партија, која што во својата програма се противи на Европската Унија, на членството во НАТО, на интеграциите на нашата држава во Берлинскиот процес, во Отворен Балкан. Таа политичка партија е Левица и нејзиниот претседател Димитар Апасиев и уште поголема опасност е тоа што таа партија го зема во заложништво претседателот на ВМРО ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ, зошто затоа што тој е слаб, без став.- изјави Ковачевски.

Во Скопје денеска се одржа втората меѓувладина седница на Македонија и Албанија, се потпишаа 21 меморандум за соработка и договор  за враќање на незаконски изнесените икони од Македонија. Еди Рама денеска повтори дека Тирана ќе биде домаќин на Самитот на ЕУ – Западен Балкан во декември и дека тоа е можност која треба да се искористи.