Ковачевски од Берлин: Западниот Балкан има европска иднина, силна поддршка од ЕУ за регионално поврзување и справување со енергетската криза
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска предводеше владина делегација составена од вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, на Самитот за Берлинскиот процес во Берлин, Германија.
На Самитот заедно со претседателите на Владите на Албанија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора, заедно и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, како и со германскиот канцелар Олаф Шолц кој што е домаќин на годинешниот Самит, разговараа на повеќе теми од интерес за регионот на Западен Балкан како регионалното поврзување преку заеднички регионален пазар, но и заедничка поддршка во справувањето со енергетската криза.
Премиерот Ковачевски, оцени дека Берлинскиот процес, преку инклузивната поставеност, со вклученост на сите држави од Западен Балкан, придонесува во унапредувањето на регионалната интеграција, преку решенија во согласност со стандардите на ЕУ, што е во насока и на заложбите на Република Северна Македонија, како и на сите држави од регионот, за полноправно членство во Европската Унија.
Претседателот на Владата Ковачевски, посочи на значењето на европските интеграции на Северна Македонија, како и на Западен Балкан - и за Европската Унија, што го покажа актуелниот политички контекст со потребата од заеднички пристап во решавањето на безбедносните, енергетските, економските и другите предизвици од глобалната криза, поради војната во Украина. Премиерот Ковачевски, во таа насока се заблагодари на канцеларот Шолц, односно на Сојузна Република Германија за иницијативата Берлински процес, што придонесува во инклузивниот пристап кон овие прашања, како и на претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, за фокусот кон проширувањето на ЕУ со државите од Западен Балкан.
Во заклучоците од Самитот, учесниците на Берлинскиот процес ја потврдија важната улога на Берлинскиот процес како двигател на регионалната соработка и забрзувач на процесот на интеграција во ЕУ.
Истакната е важноста на инклузивниот формат со којшто се еднакво поставени сите земји од Западен Балкан, а во којшто се гледа како на катализатор за економска интеграција, инвестиции и проекти за поврзување насочени кон поттикнување на помирувањето, безбедноста, растот, вработувањето и просперитетот.
Во насока на заложбите за Заеднички регионален пазар, сите учесници на Самитот го поздравија потпишувањето на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и Договорот за признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози и архитекти врз основа на правилата на ЕУ, коишто значително ја унапредуваат мобилноста на студентите, академиците и професионалци од Западен Балкан. Поздравено е потпишувањето и на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан, како клучна пресвртница на Заедничкиот регионален пазар и значаен чекор напред кон отстранување на бариерите за мобилност на луѓето во регионот.
Заедничкиот регионален пазар, како што е оценето, останува одлучувачки и сеопфатен процес, за да се постигне економска отпорност на регионот, особено во услови на руската војна против Украина и закрепнување на државите по КОВИД-19, што ќе овозможи понатамошна интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ.