Ковачевски нема да го разреши Спасовски поради оружаниот инцидент во „Ист геј“

Министерството за внатрешни работи се уште трага по напаѓачот кој пред два дена во трговскиот центар ,,Ист Гејт'' рани две лица. Од МВР информираат дека во тек е масовна потрага по напаѓачот, дека се формирани специјални тимови за таа цел, но засега без резултати. 

Во меѓувреме Фокус објави нови фотографии за кои наведува дека се работи за истото лице кое пукаше а се наоѓа во спортска обложувалница. Од МВР не потврдуваат наводите на Фокус и дали станува збор за истото лице што пукало во трговскиот центар.

Здравствената состојба на двајцата повредени пак е непроменета, тие и натаму се на интензивна нега. 

Криминалната пресметка во Ист гејт мол се најде и на седницата за пратенички прашања. Пратениците од опозицијата побараа оставка од министерот Спасовски,  обвинија дека 20 убиства во Скопје не се расветлени и дека по кој знае кој пат полицијата не дејствувала превентивно. И опозиционерот Мицкоски со обвинувања до првиот човек на полицијата.

„Тие што требаше да бидат подземје и да бидат гонети и да одговараат за криминал се надземје, има многу информации коишто доаѓаат до нас за тесна соработка помеѓу врвот на МВР со овие криминални групи“... - рече Мицкоски.

Со ова не се согласува премиерот Ковачевски кој застана во одбрана на министерот Спасовски и порача дека нема да го разреши затоа што покажал одлични резултати во борбата против криминалот. 

„Нема да побарам разрешување на министерот Спасовски со оглед на тоа што перформансите на МВР во делот на справување со криминалитетот спречување илегална миграција, инвестиции и опремување на припадниците на МВР во делот на обуките како и во делот на зголемувањата на примањата се на највисоко ниво.“ - рее Ковачевски.

Сепак, и дел од безбедносните експерти оценуваат дека МВР потфрлило во овој случај. Безбедносниот експерт, Љубомир Ѓурчевски за ТВ 24 оценува дека неказнивоста на криминалните групи е поврзана со политичките партии кои ги користат за остварување на свои цели и обратно.

- МВР потфрли во тоа што пропушти да ги провери заканите кои Штикли ги добивал преку социјалните мрежи особено што станува збор за лице од интерес за полицијата. Тоа што во рок од 70 дена Штекли двапати бил цел на убиство значи дека тој од криминалните групи нема да биде оставен жив, вели Ѓурчевски. 

Пукањето во Ист гејт вчера министерот го оцени како изолиран случај. Ова не е прва ваква пресметка на криминални групи. Изминатиов период  имаше престрелки и на други локации во Скопје, а во последниот месец се приведени тројца, кои биле дел од криминални групи.