Ковачевски: МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин ги идентификуваа сторителите
Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин, на најврвно и посветено ниво успеаа да ги идентификуваат сторителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и тие ќе бидат изведени пред казната. Според премиерот, за вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни.
Ковачевски денеска по завршување на лидерската средба во одговор на новинарско прашање околу случајот со убиството на девојчето Вања, потенцираше дека излагањата на министерот за внатрешните работи и јавниот обвинител покажуваат дека се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети, согласно македонското законодавство.
- Не би сакал да повторувам тоа што во детали го објаснија и министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, меѓутоа сметам дека според начинот на кој што објаснија со сите детали, експлицитно кажува дека се работи за изолиран случај на злосторници, криминалци, кои треба најжестоко да бидат казнети согласно македонското законодавство, смета Ковачевски.
Како што и претходно беше закажано денеска треба да се одржи состанок на кој што очекувам да се разговара за тоа за кое што претходно го најавуваше Ковачевски, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Денеска е тежок ден и за Македонија, и за сите нас. Нема зборови со кои што можам да ја изразам сопствената болка. Нема зборови со кои што може да се изрази болката, а истовремено да се утешат најблиските кои што за жал изгубија двајца луѓе, драги луѓе. И навистина претставува за мене тежок момент и како родител, и како човек. Посебно сум разочаран и згрозен од тоа што бев избрифиран, а и делумно го гледав, а што претставуваше прес конференција на оние двајца луѓе пред некоја минута. Таму слушнавме енциклопедиски информации без ниту еден конкретен доказ, без ниту нешто кое што МВР требало и Обвинителството да го преземат“ рече Мицкоски.

