Ковачевски: Континуирано носиме пакет мерки за ценовна стабилност и подобар животен стандард

Владата континуирано ја следи состојбата и навремено носи пакет мерки за ценовна стабилност на домашниот пазар, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во одговор на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.

„Со новата мерка „гарантирана цена“ која што сите ја поздравуваат и сите можат да се уверат во неа и во сите маркети, за над 50 производи во 24 категории на производи од пекарската, млечната, месната индустрија цената ја намаливме за 10% во однос на цената што тие производи ја имаа на 1 август. Тоа  е реално намалување на ценовната инфлација. Со оваа одлука и мерка кај одредени производи веќе има намалување на производите над 10% додека кај некои е од 30 до 40%. Тоа исто така е видливо во маркетите. Оваа мерка ја дополнивме и со листа на гарантирана цена во која влегуваат и безалкохолните пијалоци, газирани пијалоци, негазирана вода и други пијалаци. Но, донесовме уште една позначајна мерка а тоа е нова одлука за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот. Со новата одлука овозможивме прво 10% намалување, најмалку 10% на цените кај пијалоците, а додека кај овошјето и зеленчукот цените се намалуваат во износи до 30%. Тоа е исто така видливо во маркетите. Гарантираната цена за сите овие прозиводи важи до 30 ноември оваа година и нормално согласно движењата таа ќе биде повторно пресликана и ако е потребно и продолжена“, посочи премиерот Ковачевски.

При тоа, премиерот Ковачевски, појасни дека овие мерки се дополнуваат со нови кои се однесуваат на намалување на  увозните давачки на одредено овошје и зеленчук,  како и укинување на царинските давачки за дел од млечните производи.