Ковачевски го достави предлогот со новите министри во Собранието

Новиот мандатар и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски и официјално го поднесе новиот предлог владин состав до законодавниот дом.

По средбата со собранискиот спикер Џафери во изјава за медиумите ги посочи и трите програмски приоритети на идните министри во владата односно  справувањето со енергетската криза, подобрување на животниот стандард, и реализирање на зацртаните цели кои се однесуваат на  инфраструктурните проекти. 

1 Справување со енергетската криза во државата

2 Задржување и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите во светло на економската криза која произлегува од енергетската криза.

3 Исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се веќе одобрени во буџетот за 2022 година како и во законските решенија којшто беа одобрени во Собранието во месец декември. 

Оваа програма Ковачевски додаде дека е надградена, врз основа на изборниот легитимитет коишто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени и програмските определби на новиот коалиционен партнер Алтернатива како и новите програмски цели коишто произлегуваат од новите предизвици кои што се наоѓаат пред оваа Влада, пред граѓаните и државата. 

Меѓу приоритетите остануваат и евроинтегративните процеси иако Ковачевски посочи дека не сака да се врзува за конкретни датуми.  

 По средбата од кабинетот на собранискиот спикер Џафери пак и денеска потврдија дека првата седница за оваа година на која ќе се расправа и гласа за новиот владин состав ќе биде свикана викендов на 15ти, а може да продолжи и в недела на 16 ти јануари до полноќ во зависност од дискусијата која ќе ја отворат народните избраници во законодавниот дом.