Ковачевски: Економско-енергетскиот совет донесе одлуки со кои се обезбедува топлинска и електрична енергија

Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи да почне постапката за издавање лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ, соопшти вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

На вонредна прес-конференција во Владата, тој потенцира дека парно за скопјани ќе има, како и дека грејната сезона ќе почне на 15 октомври.

-Економско-енергетскиот совет на Владата штотуку заврши со својот состанок и донесовме одлуки кои сакам да ги споделам со јавноста а се однесуваат на сигурно, стабилно снабдување со енергенси во наредниот период. Го повикувам Град Скопје, РКЕ и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење за одлуката со што ќе се створат услови за целосно функционирање на ЕСМ со топланите. Обезбедени се финансиски средства за потребните енергенси за топлинска енергија, истакна Ковачевски.

Според него, во однос на електрична енергија, и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија.

-Осумдесет проценти ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти т.н. мали потрошувачи со промет годишен до два милиона евра ќе добијат субвенционирана електрична енергија која е трипати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини, нагласи премиерот.

На вонредната прес-конференција во Владата вечерва, покрај Ковачевски, присутни се вицепремиерот Фатмир Битиќи, министрите за финансии и за економија, Фатмир Бесими и Крешник Бектеши, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски вечерва апелира до сите пратеници да ги изгласаат законот за финансиски средства од ЕБРД за справување со енергетската криза, да ги поддржат измените на Законот за енергетика и на Законот за нафта и нафтени деривати, како и да го усвојат Барањето за продолживање на кризната состојба.

Како што истакна Ковачевски на вонредната прес-конференција во Владата, ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа.

-Утре имаме седница за пратенички прашања во Собранието на државата. Сакам да им укажам на Собранието и на пратниците од сите политички партии да се одважиме заедно и конечно да се обединиме за интересот на граѓаните и пред започнувањето на седницата да се изгласаат законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од ЕБРД, пари одобрени од ЕБРД за справување со енергетска криза на РСМ по исклучително поволна каматна стапка, измените во Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризната состојба. Ова не е време за политички поени, туку е време за разум, солидарност и социјална грижа. Ова е само прв сет на одлуки на Економско-енергетскиот совет, истакна премиерот.

Откако претходно ја соопшти одлуката на Економско-енергетскиот совет, Ковачевски подвлече дека Владата се грижи за сите подеднакво и уште еднаш ги повика граѓаните да штедат струја.

-Рековме дека оваа криза заеднички ќе ја пребродиме како што ја пребродивме и КОВИД кризата. Ја користам оваа прилика, покрај овие одлуки кои вечерва ги донесовме за справување со енергетската криза да апелирам до сите граѓани да продолжиме со мерките за штедење. Секој киловат час заштеда електрична енергија значи заштеда на нашиот буџет и повеќе пари за инвестиции во нови енергетски и инфраструктурни проекти коишто ќе го подобрат во иднина снабдувањето со електрична енергија и ќе го подобрат квалитетот на животот. Заврши времето на изобилие со електрична енергија во Европа. Сега е време на штедење и тоа штедиме за да имаме електрична енергија, рече премиерот Ковачевски. 

Економско-енергетскиот совет на Владата вечерва одлучи на регулиран пазар да бидат и основните и средните училишта на територијата на цела држава, без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на општините.

Советот, како што соопшти премиерот Димитар Ковачевски на вонредна прес-конференција, донесе и одлука со која сите јавни здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поповолна цена од берзанската.

-Грижата за граѓаните и обезбедувањетоздравствена заштита е императив на оваа Влада, рече Ковачевски.