Котлар - Трајкова во Аргумент плус: Споровите со Бугарија секогаш биле за култура и историја и биле подлога за асимилација
Директорката на Државниот Архив на Република Северна Македонија и професорка Наташа Котлар - Трајкова, во Аргумент плус рече дека македонските членови на мешовита комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, најважно е да имаат соодветни стратегии за работа и настап пред своите колеги.
„Ако ја следиме бугарската надворешна политика во континуитет, мислам дека нема да има големи промени. Бугарската политика знае што сака и ние треба да изградиме една наша теза и да знаеме како да настапиме. Тие уште од минатото имаат стратегија како да се однесуваат со македонските прашања“, изјави Котлар - Трајкова.
Таа потенцираше и дека барањата од страна на Бугарија излегле од моментот кога сфатиле дека Македонија попуштила во процесот на преговори со Грција.
„Споровите со Бугарија секогаш биле за култура и историја и секогаш биле подлога за асимилација. По она што можеме да прочитаме или слушнеме бугарската страна настојува да обезбеди авторитет при што членовите од Македонија треба да ја признаат нивната страна и тоа да го применат во учебниците, настаните и во чествувањата. Тоа ќе биде сериозна и опасна негација за Македонија бидејќи ако немате јазик и историја вие сте сосема нешто друго“, изјави Котлар - Трајкова.
Во однос на барањата на лидерот на бугарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов за припојување на Македонија и Јужна Бесарабија кон Бугарија, Котлар - Трајкова рече дека очекува бугарската власт да се огради од пратеникот Костадинов бидјеќи тој е дел од законодавната власт во Бугарија. Според неа тоа што нема никакви реакции досега говори дека нештата нема да се променат и барањата на Бугарија ќе бидат тешки.