Костадиновски порача дека негов личен избор е каде ќе ја продолжи кариерата, Левица обвинува за партиско вработување
По обвинувањата на Левица упатени кон актуелниот претседател на Уставен суд, Дарко Костадиновски, за наводно неуспешен обид за обезбедување на позицијата, универзитетски професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, а сега се вршеле владини притисоци за истата позиција на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип-се огласи Костадиновски. Претседателот на Уставен суд, писмено одговори дека се уште постои примитивен политички менталитет.
д-р Дарко Костадиновски-претседател на Уставен суд на РСМ: „Овој пат, бидејќи се работи за лични дисквалификации, навреди, чувствувам должност да констатирам дека за жал, на македонската политичка сцена се уште опстојува примитивен политички менталитет. Истовремено сакам и да изразам жалење што на мојот професионален живот и лична кариера, некој упорно им дава политичка димензија. Прашањето каде по завршувањето на мандататот ќе продолжи мојата кариера и дали тоа ќе биде универзитетската заедница претставува мој личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин кој ги исполнува законските услови за вршење одредена професија.“
Претходно од Левица, се огласија дека Универзитетскиот сенат на УГД на одржаната седница, минатиот месец на 27 мај, донел контроверзна Одлука за изменување и дополнување на Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања.
ЛЕВИЦА: „Наместо како досега, Одлуката за покренување постапка за избор во звање да ја носи Наставно-научниот совет, врз основа на претходно утврдена реална потреба и поднесено барање од раководителот на соодветната катедра, сега вакво барање ќе може да поднесе Деканот на факултетот, односно самиот РЕКТОР на Универзитетот!? Ова персонално „штимање“ се прави со проѕирна и перфидна цел, да се заобиколи досегашното оправдано противење на Катедрата за меѓународно право да распише наместен конкурс (кој му е ветен на Костадиновски од одредени структури на власта) – затоа што таа веќе располага со доволен број професори и асистенти и нема апсолутно никаква потреба од нов кадар на катедрата!“
Според Левица, оваа постапка се брза со цел да се искористи стариот Закон за високо образование, кој нудел олеснителни услови за стекнување на насловни звања.

