Костадиновска-Стојчевска на средба со Доундолуакис: Нови можности за зајакнување на соработката во културата со Грција

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на маргините на Втората конференција на министри за култура „Алијанса Баукултур Давос 2023“, оствари билатерална средба со генералната секретарка за современа култура при Министерството за култура и спорт на Република Грција, Елени Доундолуакис.

- Има исклучителен простор за зајакнување на соработката во областа на културата помеѓу двете земји. Од особена важност е што голем чекор на овој план е веќе направен, но верувам дека допрва следи период на интензивни активности, рече на средбата министерката Костадиновска-Стојчевска.

Генералната секретарка за современа култура при Министерството за култура и спорт на Република Грција, Елени Доундолуакис истакна дека грчкото министерство, исто како и македонското ги следи насоките за интензивирање на односите во културата, посочувајќи дека во време на неизвесност особено е важно да се негуваат и зајакнуваат односите со соседните земји.

Соговорничките се согласија дека по потпишувањето на Преспанскиот договор значително се продлабочени односите во културата и дека потпишување на билатерален документ меѓу двете држави, ќе биде од особено значење за унапредување на соработката во овој сегмент. Воедно, тоа ќе овозможи размена на конкретни проекти и уметници, како и поголема комуникација меѓу институциите од двете држави.

 

На средбата беше потенцирано дека соработката во делот на културата е особено видлива меѓу музичките фестивали во двете земји, како и во блиската комуникација и активности на музеите за современа уметност, која веќе дава одлични резултати.