Косовскиот уметник на гитара Петрит Чеку вечерва на „Охридско лето“
Foto

Косовскиот уметник на гитара Петрит Чеку вечерва на „Охридско лето“

Фестивалот „Охридско лето“ продолжува да ја живее својата магија со вечерашниот настан од музичкиот дел на програмата – концертот на косовскиот уметник на гитара Петрит Чеку.

За Чеку критиката вели дека неговиот специфичен сензибилитет и експресивност се главните карактеристики што ја привлекуваат публиката на неговите концерти насекаде низ светот. Настапува како солист на рецитали, но и со Симфонискиот оркестар на Балтимор, Чешката камерна филхармонија, Филхармонијата на градот Дижон, Државниот оркестар Ермитаж од Санкт Петербург, Филхармонијата „Панон“ и Загрепската филхармонија. Редовно настапува со гудачкиот ансамбл „Загрепски солисти“ и е основач на Триото гитари „Елогио“.

Критичарот Колин Купер го нарекува Чеку „солист со највисоки перформанси“, квалитет кој му носи победи на многу интернационални натпревари за гитара меѓу кои најпрестижни се секако натпреварот „Паркенинг“ во Малибу, САД, „Шадт“ (Алентаун, САД), „Биазини“ и „Питалуга“ во Италија.

Петрит Чеку роден е 1985 година во Призрен, првите часови по гитара ги добива од Луан Сапунџиу, за во 2002 година да се пресели во Загреб откако добива покана да учи со Џевдет Сахатџија. Во 2008 година дипломира на Музичката академија во Загреб во прочуената класа на Дарко Петрињак, а продолжува да студира со големиот мајстор на гитарата Мануел Баруеко на Конзерваториумот „Пибоди“ во Балтимор каде во 2013 ги завршува студиите. Од 2019 г. Чеку предава камерна музика за гитара на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац.

Првото ЦД на Чеку го издава компанијата Наксос во 2008 година, а во мај 2015 г. шпанската издавачка куќа „Еудора“ го издава ЦД-то со сите шест свити за виолончело од Јохан Себастијан -Бах, транскрибирани за гитара од страна на Валтер Дешпаљ.

На програмата на вечерашниот концерт се дела за гитара на Бах, Моцарт, Бетовен, Листеш. Концертот ќе се одржи на сцената во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.

0 Коментари

Остави коментари