Косовската полиција изврши претрес на станот на потпретседателот на Српската листа Милан Радоичиќ

Припадници на специјалната единица на косовската полиција извршија претрес во зградата во северниот дел на Косовска Митровица каде живееше потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ.  На Фејсбук полицијата објави дека ја спроведува наредбата на надлежниот суд за проверки на пет локации во три општини на северот на Косово. 

Косовската полиција запленила две луксузни возила „мерцедес“ со белградски таблички и еден квад без таблички. Возилата се однесени од околината на зградата во придружба на оклопни возила на косовската полиција.

Ресторанот Греј се наоѓа на приземјето на зградата, а истоимениот хотел со идентично лого постои и на Копаоник. Тој хотел бил поврзан со Звонко Веселиновиќ. Сепак, според јавно достапните податоци, сопственик на ресторанот во Косовска Митровица е Ема Радоичиќ.

Претреси се направени на уште неколку локации во Косовска Митровица, како и во Звечан и Зубин поток.

Специјалните единици на косовската полиција утрово упаднале во Клиничкиот болнички центар во Митровица, изјави за Танјуг директорот на таа институција д-р Златан Елек. Тој рече дека без знаење на управата на болницата извршиле претрес во пералната и одредени канцеларии. Според него, тие заплениле и снимки од камерите на КБЦ.